Лексикографскиот центар, како научна единица во Македонската академија на науките и уметностите, е основан на 28 септември 2000 година.

Центарот се занимава со подготвување и издавање на  енциклопедиски, библиографски, терминолошки и други лексикографски изданија, како и оформување на база на податоци за македонската култура и уметност.

Во рамките на Центарот досега се реализирани бројни проекти кои се однесуваат на откривањето, истражувањето и систематизирањето на одделни делови од македонската култура и уметност. Во Центарот е подготвена и објавена Македонската енциклопедија (во 2 тома), која ја претставува историската и современата целина на македонската цивилизација.

Во Центарот се работи врз два долгорочни научно-истражувачки проекти од фундаментално значење. Првиот е подготовката на Македонската научна и стручна терминологија, чијашто крајна цел е подготовка на конечни лексикографски изданија од работните терминолошки материјали поместени во Билтенот Македонска терминологија. Вториот е работата врз макропроектот Историја на културата на Македонија кој ја проследува севкупната материјална и духовна култура на почвата на Македонија од праисторијата до денес. Резултатите од истражувањата досега се објавени во 28 книги.

FaLang translation system by Faboba