На 11 декември 2019 година, во Амфитеатарот на МАНУ се одржа промоцијата на два нови терминолошки речници „Генетика“ и „Социјална и превентивна медицина: јавно здравје“. Изданијата се во рамките на макропроектот „Македонска научна и стручна терминологија“ што се спроведува во Лексикографскиот центар при Македонската академија на науките и уметностите.

Раководителот на макропроектот, акад. Витомир Митевски, во своето излагање го претстави макропроектот „Македонска научна и стручна терминологија“. Тој зборуваше за активностите во рамките на макропроектот и ги најави идните терминолошки речници што се планираат во следните неколку години.

Подготвувачот на речникот „Генетика“, проф. д-р Александар Димовски, дописен член на МАНУ, се осврна на предизвиците со кои се соочил при подготвувањето на терминологијата од областа на генетиката. Тој објасни дека во речникот, покрај стандардите македонски термини, се внесени и неологизми кои ги користат професионалците од оваа област и на тој начин се придонесува за збогатување на лексичкиот фонд на македонскиот јазик.

Подготвувачот на речникот, „Социјална и превентивна медицина: јавно здравје“, проф д-р Дончо Донев, даде хронолошки преглед на активностите поврзани со дефинирање терминологија од областа на социјалната и превентивна медицина и нагласи дека во овој терминолошки речник е застапена терминологија од повеќе дисциплини бидејќи социјалната медицина претставува мост меѓу клиничката медицина (медицинската пракса) и другите науки кои ги проучуваат социјалните димензии на болестите и здравјето.

М-р Николче Мицкоски, асистент-истражувач во Лексикографскиот центар, зборуваше за важноста од навремено дефинирање стручна терминологија и нејзината достапност за сите кои имаат потреба од неа. Тој најави дека се подготвува и електронско издание на билтените и терминолошките речници од макропроектот во форма на дигитален речник кој ќе биде достапен на интернет.

Лексикографскиот центар при МАНУ има чест да Ве покани на промоцијата на терминолошките речници:

ГЕНЕТИКА
И
СОЦИЈАЛНА И ПРЕВЕНТИВНА МЕДИЦИНА: ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

во рамките на макропроектот Македонска научна и стручна терминологија

Промоцијата ќе се одржи во Амфитеатарот на МАНУ, на 11 декември (среда) 2019 година, во 12 часот

 

Обраќање на акад. Таки Фити, претседател на МАНУ

Обраќање на акад. Витомир Митевски, раководител на макропроектот Македонска научна и стручна терминологија

Обраќање на проф. д-р Александар Димовски, подготвувач на терминолошкиот речник Генетика

Обраќање на проф. д-р Дончо Донев, подготвувач на терминолошкиот речник Социјална и превентивна медицина: јавно здравје

Обраќање на м-р Николче Мицкоски, асистент-истражувач во Лексикографскиот центар

На 3.4.2019 година, во организација на Лексикографскиот центар на МАНУ, се одржа првата трибина за Терминологијата од областа на филозофијата во рамките на макропроектот Македонска научна и стручна терминологија. На трибината учествуваа претставници од МАНУ, Филозофскиот Факултет, Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“, Институтот за македонски јазик и Филозофското друштво на Македонија. Целта на трибината беше да се претстават некои предизвици кои се појавуваат во текот на работата и да се дискутира за нив.

Раководителот на макропроектот и модератор на трибината, академик Витомир Митевски го претстави макропроектот и начинот на подготовката на терминолошкиот речник од областа на филозофијата. Во воведниот збор, подготвувачите на терминолошката граѓа, проф. д-р Ана Димишковска и проф. д-р Иван Џепаровски, ја претставија методологијата на работа и дадоа преглед на досегашните лексикографски изданија од оваа терминолошка област. Акад. Георги Старделов нагласи дека, според Витгенштајн, недоразбирањата меѓу филозофите не се во идеите, туку во зборовите и затоа е важно термините да се дефинираат точно и прецизно.

На трибината се дискутираше за прашањата поврзани со изборот на транскрипцијата, класична или традиционална, како и за методолошкиот пристап во изработката на терминолошкиот речник, а беа споделени искуства од работата на други проекти во земјава и во странство кои се одвиваат преку работа во работни групи.

Учесниците нагласија дека трибината е одличен форум за отворање на дебата и надминување на предизвиците при дефинирањето на термините од областа на филозофијата.

На 6 ноември 2018 година, во Амфитеатарот на МАНУ се одржа промоцијата на изданието „Терминологија од областа на теологијата“. Изданието е во рамките на макропроектот „Македонска научна и стручна терминологија“ што се спроведува во Лексикографскиот центар при Македонската академија на науките и уметностите.

Поздравна реч одржа акад. Георги Старделов, раководител на Лексикографскиот центар. Тој изјави дека ова е ретко убаво стокмена книга и во неа со лаконска мудрост се обработени важните термини.

Раководителот на макропроектот, акад. Витомир Митевски, во своето излагање рече дека во науката е познато дека богатството и изразната моќ на еден јазик се мери според неговата способност за изразување апстрактни идеи и додаде дека подготвувачот на овој речник, проф. Јован Таковски, внесе низа прецизирања кои се важни како на научен, така и на практичен план при комуникација во оваа област.

Промоторот, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, декан на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје изјави дека објаснувањата се темелни, концизни и јасни, но во тоа е и вистинската виртуелност на подготвувачот на ова дело. Тој додаде: „Може само да се претпостави колку труд и внимателност се побарува кога во само неколку збора треба да се објасни клучна догматска тема, термин за кого можеби се воделе децениски дебати или кој бил предмет на црковни и догматски спорови, запишани и опишани на илјадници страници. Токму затоа потребна е макотрпна работа и самопрегор еден термин да се појасни прецизно, јасно и концизно. Потребата од ваков речник е повеќе од јасна, како за теолозите, кои се најчести корисници на теолошката терминологија, уште повеќе за оние кои се занимаваат со науки блиски на теологијата и Црквата, но и за секој заинтересиран читател и љубител на богословската литература, па и за пошироката јавност.“

Подготвувачот на речникот, проф. д-р Јован Таковски, протојереј-ставрофор, изјави дека изборот на термините беше сконцентриран на клучните теолошки теми, а речникот треба да послужи како техничко средство за многу термини кои се потребни во нашето секојдневно комуницирање. Тој додаде дека клучните теолошки, богословски и догматски проблеми се направени достапни на краток и концизен начин, па сите оние кои немаат време да прелистуваат учебници по догматика, патрологија, литургика, пастирка и слично да можат да ги искористат.

 

МАКЕДОНСКАТА АКАДЕМИЈА НА НАУКИТЕ И УМЕТНОСТИТЕ
Лексикографски центар
Проект: Македонска научна и стручна терминологија

имаат чест да Ве поканат
на промоција на изданието:

ТЕРМИНОЛОГИЈА ОД ОБЛАСТА НА ТЕОЛОГИЈАТА

Поздравна реч:
акад. Георги Старделов,
раководител на Центарот

Обраќање:
акад. Витомир Митевски,
раководител на Проектот

Промотор:
Проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски,
декан на Богословскиот факултет
„Св. Климент Охридски“ - Скопје

Обраќање:
Проф. д-р Јован Таковски, подготвувач

6 ноември (вторник) 2018 година,
Амфитеатар на МАНУ, во 12 ч.

Во издание на Лексикографскиот центар при Македонската академија на науките и уметностите и Матица Македонска, излезе од печат новата книга на академик Георги Старделов, „Епоха Блаже Конески“. Книгата има два дела. Првиот дел е насловен „Слова за поетиката, стилистиката, естетиката, критиката, филозофијата и теоријата на литературата на Блаже Конески (фрагменти)“, а вториот „Поезијата на Блаже Конески“.

Извадок од книгата:

„Блаже Конески во своето дело даде одговори на сите прашања од историска сушност на македонската нација, но и за сушноста на самиот себеси: од првите негови објави, потем од поемата „Мостот“, па до завршните, особено во „Црн овен“ и поексплицитно, во неговите есеи, кои секогаш го носеле во себе неговото поетско вјерују, како што со сета своја тежина прозвучуваат во малку познатиот негов есеј „Платон против Хомера“. Зашто, Конески во своето дело ја преплети историјата, луѓето, земјата, природата, поставувајќи ги нив на фонот на македонската јазична и книжевна традиција, па неговото творештво израснува во поезија со своја поетска космогонија, со својата поетска антропологија и феноменологија на светот на животот и луѓето во наша македонска поетска култура, или поточно, во поезија на македонската култура.

Оваа книга свечено слови токму за тој и токму за таков величествен подвиг на Конески!“

Содржина

FaLang translation system by Faboba