„Македонската научна и стручна терминологија“ е најстариот проект на МАНУ. Предложен од Блаже Конески, проектот е вклучен во долгогодишната програма на Академијата уште во 1968, а неговите први билтени се појавија во 1971 година. Без установување на научната и стручна терминологија, како категоријален систем, нема ефикасно комуницирање во научната работа ниту соодветно пренесување на знаењата во системот на образованието. Затоа таа има специфично значење за националната култура на една средина, а посебно за нејзиниот јазик.

Тој амбициозн проект, во кој треба да се обработат сите стручни и научни области, не е целосно завршен, но Лексикографскиот центар на МАНУ располага со значителна граѓа. Постоечката форма на таа терминолошка граѓа се билтените. Досега се објавени 113 билтени, со печатени материјали од разни области, на илјадници страници и со десетици илјади термини, како и со соодветни регистри на повеќе јазици. Најшироко се обработени фундаменталните и применетите науки, а некои области (книжевност, лингвистика, филозофија) воопшто не се започнати. Покрај терминолошките билтени, објавени се и два терминолошки речници од областа на градежништвото и теологијата.

Билтените се изработени претежно пред дигиталната ера. Поради тоа, користењето на таа важна научна граѓа беше ограничено. Во текот на последните две години беше извршеноскенирање на целиот материјал, кој е сега дигитално обработен и достапен на оваа веб-локација. Овој архивиран материјал, покрај својата информативна вредност, претставува и граѓа за изработка на цела една серија терминолошки речници по одделни научни области. Најпрвин ќе бидат обработени оние области за кои постои пообемна обработена граѓа, а паралелно ќе се работат и другите, досега незавршени или необработени научни области.

Терминолошките речници се вечно отворена книга. Со текот на годините, терминологијата застарева и се менува, а како што науките се развиваат, се појавуваат и нови термини. Во текот на изработката на одделните речници, постојната граѓа ќе биде редактирана и докомплетирана, а и веќе завршените речници ќе бидат проширувани.

Раководител: акад. Витомир Митевски

FaLang translation system by Faboba