Датум на раѓање:
14.10.1951
Место на раѓање:
Куманово
Членство во МАНУ:
Редовен член, 2009
Институции:
Филозофскиот факултет во Скопје
Област на работа:
Институт за класични студии
Биографија
Академик Витомир Митевски е роден 1951 година во Куманово каде што завршил основно образование и гимназија.
Во 1975 година дипломирал филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје, а во 1985 година на истиот факултет дипломирал на класични студии. Постдипломски студии завршил на Филозофкиот факултет во Белград (1983) со магистерска теза на тема Ниче и грчка антика, а докторската дисертација на тема Поезијата на Прличев и Хомер ја одбранил во 1990 година на Филозофскиот факултет во Скопје.
Неговиот прв работен ангажман бил професор по филозофија во гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје (1976–1977), потоа работел како драматург во Драмскиот театар во Скопје (1977–1980). Од 1986 година работи на Филозофскиот факултет во Скопје – при Институтот за класични студии. Денес како редовен професор држи предавања по античка философија, античка епска поезија и византиска книжевност.
На општествен план бил ангажиран како секретар на Сојузот на друштвата за антички студии на Југославија, а бил и претседател на Друштвото за класични студии Жива Антика. Бил коорганизатор на повеќе домашни меѓународни научни собири. Основачки уредник бил на списанието Театарски гласник, а одговорен уредник е на меѓународното научно списание за класични студии Жива Антика почнувајќи од 1991 година.
Во авторските дела од областа на филозофијата, негов основен став е дека античката култура и филозофија имаат клучно значење за разбирањето на човекот и неговата состојба во светот. Покрај низа статии, објавил монографија за Хераклит, како и повеќе книги во кои го обработува античкиот концепт на душата и посебно нега на душата, а меѓу нив се издвојуваат Платоново учење за душата и Душата и духовниот живот во антиката и раното средновековие. Автор е на едицијата во 10 книги под заеднички наслов Античката философија и нејзиното влијание.
Дела во кои се обработува античката епика и нејзиното влијание врз македонската епска поезија се Античка епика (Хелада и Рим) и Епски теми.
Од областа на византиската литература, автор е на две книги. Едната под наслов Античката философија и Византија ги истражува античките философски теми и нивната рецепција во византискиот духовен свет. Другата книга под наслов Сенката на Марко Крале претставува споредбена анализа на стилот, мотивите и типологијата каде што се препознаваат допирните точки меѓу античката и посебно византиската и македонската традиционална епска поезија.
Во делото Македонската апстрактна терминологија и нејзиното наследство посебно се истражува генезата на македонскиот философски јазик во светлото на кирилометодиевската традиција.
Витомир Митевски е преведувач од класичните јазици, главно на философска литература (дела на претсократовци, Платон, Аристотел, Епиктет) при што се залага за поголемо присуство на словенската философска терминологија во преводите на македонски јазик. Преведува и од античката епска поезија (Хесиод и др.)
Редовен член е на Македонската академија на науките и уметностите од 2009 година.
Библиографија