На 11 декември 2019 година, во Амфитеатарот на МАНУ се одржа промоцијата на два нови терминолошки речници „Генетика“ и „Социјална и превентивна медицина: јавно здравје“. Изданијата се во рамките на макропроектот „Македонска научна и стручна терминологија“ што се спроведува во Лексикографскиот центар при Македонската академија на науките и уметностите.

Раководителот на макропроектот, акад. Витомир Митевски, во своето излагање го претстави макропроектот „Македонска научна и стручна терминологија“. Тој зборуваше за активностите во рамките на макропроектот и ги најави идните терминолошки речници што се планираат во следните неколку години.

Подготвувачот на речникот „Генетика“, проф. д-р Александар Димовски, дописен член на МАНУ, се осврна на предизвиците со кои се соочил при подготвувањето на терминологијата од областа на генетиката. Тој објасни дека во речникот, покрај стандардите македонски термини, се внесени и неологизми кои ги користат професионалците од оваа област и на тој начин се придонесува за збогатување на лексичкиот фонд на македонскиот јазик.

Подготвувачот на речникот, „Социјална и превентивна медицина: јавно здравје“, проф д-р Дончо Донев, даде хронолошки преглед на активностите поврзани со дефинирање терминологија од областа на социјалната и превентивна медицина и нагласи дека во овој терминолошки речник е застапена терминологија од повеќе дисциплини бидејќи социјалната медицина претставува мост меѓу клиничката медицина (медицинската пракса) и другите науки кои ги проучуваат социјалните димензии на болестите и здравјето.

М-р Николче Мицкоски, асистент-истражувач во Лексикографскиот центар, зборуваше за важноста од навремено дефинирање стручна терминологија и нејзината достапност за сите кои имаат потреба од неа. Тој најави дека се подготвува и електронско издание на билтените и терминолошките речници од макропроектот во форма на дигитален речник кој ќе биде достапен на интернет.

FaLang translation system by Faboba