На 3.4.2019 година, во организација на Лексикографскиот центар на МАНУ, се одржа првата трибина за Терминологијата од областа на филозофијата во рамките на макропроектот Македонска научна и стручна терминологија. На трибината учествуваа претставници од МАНУ, Филозофскиот Факултет, Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“, Институтот за македонски јазик и Филозофското друштво на Македонија. Целта на трибината беше да се претстават некои предизвици кои се појавуваат во текот на работата и да се дискутира за нив.

Раководителот на макропроектот и модератор на трибината, академик Витомир Митевски го претстави макропроектот и начинот на подготовката на терминолошкиот речник од областа на филозофијата. Во воведниот збор, подготвувачите на терминолошката граѓа, проф. д-р Ана Димишковска и проф. д-р Иван Џепаровски, ја претставија методологијата на работа и дадоа преглед на досегашните лексикографски изданија од оваа терминолошка област. Акад. Георги Старделов нагласи дека, според Витгенштајн, недоразбирањата меѓу филозофите не се во идеите, туку во зборовите и затоа е важно термините да се дефинираат точно и прецизно.

На трибината се дискутираше за прашањата поврзани со изборот на транскрипцијата, класична или традиционална, како и за методолошкиот пристап во изработката на терминолошкиот речник, а беа споделени искуства од работата на други проекти во земјава и во странство кои се одвиваат преку работа во работни групи.

Учесниците нагласија дека трибината е одличен форум за отворање на дебата и надминување на предизвиците при дефинирањето на термините од областа на филозофијата.

FaLang translation system by Faboba