Во издание на Лексикографскиот центар при Македонската академија на науките и уметностите и Матица Македонска, излезе од печат новата книга на академик Георги Старделов, „Епоха Блаже Конески“. Книгата има два дела. Првиот дел е насловен „Слова за поетиката, стилистиката, естетиката, критиката, филозофијата и теоријата на литературата на Блаже Конески (фрагменти)“, а вториот „Поезијата на Блаже Конески“.
Извадок од книгата:
„Блаже Конески во своето дело даде одговори на сите прашања од историска сушност на македонската нација, но и за сушноста на самиот себеси: од првите негови објави, потем од поемата „Мостот“, па до завршните, особено во „Црн овен“ и поексплицитно, во неговите есеи, кои секогаш го носеле во себе неговото поетско вјерују, како што со сета своја тежина прозвучуваат во малку познатиот негов есеј „Платон против Хомера“. Зашто, Конески во своето дело ја преплети историјата, луѓето, земјата, природата, поставувајќи ги нив на фонот на македонската јазична и книжевна традиција, па неговото творештво израснува во поезија со своја поетска космогонија, со својата поетска антропологија и феноменологија на светот на животот и луѓето во наша македонска поетска култура, или поточно, во поезија на македонската култура.
Оваа книга свечено слови токму за тој и токму за таков величествен подвиг на Конески!“