На 6 ноември 2018 година, во Амфитеатарот на МАНУ се одржа промоцијата на изданието „Терминологија од областа на теологијата“. Изданието е во рамките на макропроектот „Македонска научна и стручна терминологија“ што се спроведува во Лексикографскиот центар при Македонската академија на науките и уметностите.
Поздравна реч одржа акад. Георги Старделов, раководител на Лексикографскиот центар. Тој изјави дека ова е ретко убаво стокмена книга и во неа со лаконска мудрост се обработени важните термини.
Раководителот на макропроектот, акад. Витомир Митевски, во своето излагање рече дека во науката е познато дека богатството и изразната моќ на еден јазик се мери според неговата способност за изразување апстрактни идеи и додаде дека подготвувачот на овој речник, проф. Јован Таковски, внесе низа прецизирања кои се важни како на научен, така и на практичен план при комуникација во оваа област.
Промоторот, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, декан на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје изјави дека објаснувањата се темелни, концизни и јасни, но во тоа е и вистинската виртуелност на подготвувачот на ова дело. Тој додаде: „Може само да се претпостави колку труд и внимателност се побарува кога во само неколку збора треба да се објасни клучна догматска тема, термин за кого можеби се воделе децениски дебати или кој бил предмет на црковни и догматски спорови, запишани и опишани на илјадници страници. Токму затоа потребна е макотрпна работа и самопрегор еден термин да се појасни прецизно, јасно и концизно. Потребата од ваков речник е повеќе од јасна, како за теолозите, кои се најчести корисници на теолошката терминологија, уште повеќе за оние кои се занимаваат со науки блиски на теологијата и Црквата, но и за секој заинтересиран читател и љубител на богословската литература, па и за пошироката јавност.“
Подготвувачот на речникот, проф. д-р Јован Таковски, протојереј-ставрофор, изјави дека изборот на термините беше сконцентриран на клучните теолошки теми, а речникот треба да послужи како техничко средство за многу термини кои се потребни во нашето секојдневно комуницирање. Тој додаде дека клучните теолошки, богословски и догматски проблеми се направени достапни на краток и концизен начин, па сите оние кои немаат време да прелистуваат учебници по догматика, патрологија, литургика, пастирка и слично да можат да ги искористат.